Лабунишки Мудрости Лабуништа Новости Вторник 28.07.2026
Старите лабуништани не донесувале лесно и набрзина суд за човек кого не го познавале добро, ниту го граделе своето мислење за другите врз основа на туѓи зборови и прераскажувања. Знаеле дека секоја кажана приказна не е и целосна вистина и дека човекот најдобро се запознава преку личниот однос и непосредното искуство. Еден таков пример на мудрост и воздржаност се прераскажува за еден стар и мудар лабуништанец.
Пред повеќе од триесет години, додека служев како имам во моето родно Лабуништа, меѓу најредовните и најмудрите џематлии беше еден постар човек кого сите го викавме аџо Авдираман.
Уште од неговото чекорење, држење и однесување можеше да се забележи дека станува збор за човек со богато животно искуство, од кого можеа да се слушнат многу мудри и корисни совети. Зад него останаа бројни изреки и поуки што и денес вреди да се паметат и прераскажуваат.
Во оваа пригода сакам да забележам една негова кратка, но многу длабока мудрост, која особено може да ни користи денес — во време кога непроверените информации, гласините и дезинформациите се шират со неверојатна брзина.
Кога некој ќе го прашаше аџо Авдираман што мисли за одреден човек — каков е, дали е добар или лош — тој никогаш не брзаше да донесе суд.
Само кратко ќе одговореше: „Немам работено со него.“
Колку мудрост е содржана во оваа едноставна реченица! Со неа како да сакаше да каже дека за човек не треба да судиме врз основа на она што другите го зборуваат за него, туку според сопственото искуство, личната средба и непосредниот однос со него.
Некој може да ни зборува дека одреден човек е лош, а можеби меѓу нив постоеле само недоразбирање, личен конфликт, завист или повреден интерес. Во таков случај, неговото мислење не е целосна слика за човекот, туку одраз на нивниот нарушен однос.
Од друга страна, некој може да ни зборува дека одредена личност е добра, а таа можеби само умешно се претставила пред него, додека своето вистинско лице го покажува во други околности.
Човекот најдобро се запознава во заедничката работа, на патувањето, во трговијата, во тешкотиите, при поделбата на одговорностите и тогаш кога ќе се судрат интересите.
Тогаш се откриваат неговиот карактер, чесноста, трпението, верноста кон дадениот збор и односот кон другите.
Затоа, да не дозволуваме туѓите симпатии да станат наши симпатии, ниту туѓите омрази да станат наши омрази.
Да не градиме мислење за луѓето според „рекла-кажала“, туку врз основа на вистината, проверените сознанија и сопственото искуство.
А кога немаме доволно сознанија за некого, најчесно и најправедно е да го повториме мудриот одговор на аџо Авдираман: „Немам работено со него.“
Понекогаш воздржувањето од суд е поголема мудрост од најдолгиот говор.
✍️ Јакуб Казимоски Од циклусот „Мудрости на старите лабуништани“
Мухамед Хусрев (Ајдинлар) е роден во селото Лабуништа, во близина на Струга, ден...
При излет во пределот на Лабунишките бачила, мештанецот Ерсан Зенделоски наиде н...
Со длабока тага ја објавуваме веста за преселувањето на д-р Минур Мемишоски, поч...
Се продава куќа во Лабуништа, место Краста, со имотен лист! Површина на куќа 540...
Главна тема на состанокот беа два сериозни проблеми кои, според присутните, нега...
Координативното тело составено од членовите Сафет Демиралиески советник на градо...
Голем успех за Лабуништа и за младите таленти од нашиот крај. Ејлем Бекироска, у...
По многу години посветена работа, нашиот драг сограѓанин Сафет Демиралеиски зами...
Со особена чест и гордост, жителите на Лабуништа му упатуваат најискрени честитк...
Првите жители на селото Лабуништа кои имале можност да го обават светиот муслима...