Лабунишки Мудрости Вторник 01.09.2026
Старите лабуништани, покрај тоа што биле познати како добри мајстори, биле прочуени и по своите занаети. А занаетчиските работилници не биле само места каде што се работело и заработувало. Тие често биле и места за средба, разговор и дружење.
Од време на време таму се собирале мештаните, ќе седнеле, ќе поразговарале и ќе отвореле муабет за некоја интересна или актуелна тема. Меѓу нив имало многу надарени луѓе кои знаеле убаво да го врзат муабетот. Било интересно да ги слушаш, а неретко од нивните разговори можело и нешто да се научи.
Еден таков познат занаетчија бил и аџо Љатиф. Во центарот на селото имал налбатска работилница, каде што мештаните ги носеле своите коњи и магариња на потковување.
Особено во петок, кога во Лабуништа бил пазарен ден, неговата работилница била преполна со луѓе. Некој доаѓал да си го поткова добитокот, а некој само да слушне или да каже по некој убав муабет.
Меѓу оние што знаеле мудро и поучно да зборуваат, секогаш ќе се најдел и по некој што имал голем мерак и тој да се покаже како умен и зборлест, но едноставно — немал дарба за тоа.
Аџо Љатиф, како домаќин на сите тие муабети, имал посебна дарба да ги процени луѓето и нивната умешност во зборувањето.
Кога по некој таков долг и заплеткан говор ќе го прашале:
— Аџо Љатиф, како ти се виде муабетот на филан?
Тој кратко ќе одговорел:
— Ништо. „Kodër në kodër.“
Односно:
„Од рид на рид.“
Со тоа сакал да каже дека човекот многу зборувал, но без ред и поврзаност — ќе почнел една тема, ќе прескокнел на друга, па на трета, без да знаеш ниту од каде тргнал ниту каде сакал да стигне.
И така, меѓу старите лабуништани останала запаметена оваа кратка и духовита оцена на аџо Љатиф — оцена што и јас лично многупати сум имал прилика да ја слушнам од неговата уста.
Кога некој ќе зборувал долго, неповрзано и ќе мешал сè и сешто, не била потребна долга анализа.
Доволно било да се каже:
„Kodër në kodër.“
И сите знаеле што значи.
Оваа кратка досетка на аџо Љатиф не била само шега на сметка на некој што не знаел убаво да го врзе муабетот. Во неа имало и едно едноставно правило на старите: не е важно колку зборуваш, туку што кажуваш и дали твојот збор има смисла, ред и цел.
Ако некогаш „Kodër në kodër“ се однесувало на човек што во еден муабет скокал од тема на тема, денес оваа мудрост можеби е уште поактуелна. Живееме во време кога се зборува многу, се пишува уште повеќе, а неретко суштината се губи меѓу зборовите. Особено во јавниот простор, на социјалните мрежи, па и во политиката, можеме да слушаме долги говори по кои човек повторно се прашува: Што, всушност, сакаше да каже?
Старите лабуништани за таков говор не правеле долги анализи. Аџо Љатиф имал само две зборчиња:
„Kodër në kodër.“
Од рид на рид — многу зборови, а никаде јасен пат.
Можеби токму затоа оваа стара лабунишка досетка и денес нè потсетува дека мудроста не се мери со должината на говорот, ниту со потребата да се зборува во секоја прилика, туку со тежината и јасноста на кажаното — и со умешноста да се зборува умерено, само тогаш кога навистина треба да се зборува.
✍️ Јакуб Казимоски
Од циклусот „Мудрости на старите лабуништани“
Мухамед Хусрев (Ајдинлар) е роден во селото Лабуништа, во близина на Струга, ден...
При излет во пределот на Лабунишките бачила, мештанецот Ерсан Зенделоски наиде н...
Со длабока тага ја објавуваме веста за преселувањето на д-р Минур Мемишоски, поч...
Се продава куќа во Лабуништа, место Краста, со имотен лист! Површина на куќа 540...
Главна тема на состанокот беа два сериозни проблеми кои, според присутните, нега...
Координативното тело составено од членовите Сафет Демиралиески советник на градо...
Голем успех за Лабуништа и за младите таленти од нашиот крај. Ејлем Бекироска, у...
По многу години посветена работа, нашиот драг сограѓанин Сафет Демиралеиски зами...
Со особена чест и гордост, жителите на Лабуништа му упатуваат најискрени честитк...
Првите жители на селото Лабуништа кои имале можност да го обават светиот муслима...