Лабуништа Новости Среда 15.07.2026
Во спомен на старите мудри лабуништани
Старите лабуништани умееле преку шега и досетка да кажат големи вистини. Затоа и ова кажување за аџо Јашар останало да живее меѓу народот како симболична порака дека кога поддршката изостанува таму каде што најмногу ја очекуваме, тогаш и најдобрите намери и најголемите напори тешко можат да успеат.
ОД ДОМА МИ Е РАСИПАНА РАБОТАТА
Аџо Јашар бил познат и примерен лабуништанeц, човек препознатлив по својата духовитост, мудрост и животна досетливост. Многу негови изреки и случки со години се пренесувале усно меѓу жителите на Лабуништа и околината.
Се сеќавам на една таква вистинита случка што ја слушнав уште во раната младост и која остави силен впечаток врз мене. Подоцна, каде и да имав можност, ја прераскажував во моите предавања и разговори како духовита и многу поучна животна приказна.
Имено, кога аџо Јашар веќе ги живеел своите старечки години, немал никаква пензија. Речиси и да немало човек во Лабуништа и околината што не слушнал за него или не го познавал лично. Имаше и многу пријатели, меѓу кои и луѓе со влијание во државните органи и институции.
Еден ден, негов пријател го прашал дали прима старосна пензија. Аџо Јашар му одговорил дека нема никакви примања. Тогаш пријателот му понудил помош и му објаснил како би можел да оствари право на пензија.
Му рекол дека во неговиот дом ќе дојде комисија која формално ќе треба да утврди дека живее во тешки услови, дека нема соодветна грижа и нега и дека понекогаш има, а понекогаш нема што да јаде.
Аџо Јашар требало само малку да „одглуми“ и да се пожали на своите домашни – дека не се грижат доволно за него, ниту за неговата хигиена и исхрана.
На договорениот ден, комисијата дошла во посета кај аџо Јашар во неговиот дом.
Разговорот требало да биде само формалност, бидејќи претседателот на комисијата бил однапред запознаен со целата работа.
„Како си, стрико Јашар? Како ја поднесуваш староста? Какви ти се условите за живот? Те слушаат ли и те служат ли твоите домашни?“ – го прашал тој.
Аџо Јашар почнал да ги опишува своите услови за живот најлошо што можел.
„Еве, другари, како што гледате, немам никакви услови за живот. Моите воопшто не ме слушаат, не ми даваат ниту да јадам, ниту се грижат за мене, ниту ми помагаат. Тешка старост, многу лоши услови за живот. Кога јадам – јадам, а почесто сум гладен“, убедливо ја одиграл својата улога аџо Јашар.
Кога се чинело дека работата е завршена, во собата влегла неговата снаа и ги послужила гостите со кафе и слатко. Таа воопшто не била запознаена со договорот и немала поим зошто дошле гостите.
Кога слушнала како нејзиниот свекор се жали на условите за живот и ги обвинува домашните, веднаш реагирала:
„Ау, бабо, срамота! Што зборуваш така пред гостиве? Што ќе помислат тие за нас? Како тоа немаш услови? Не зборувај така! Од убаво – поубаво ти правиме, и за јадење и за сè што ти треба. Ние ќе скратиме од нас, ама тебе ќе ти обезбедиме сè што душата ти посакува.“
Гостите, изненадени од зборовите на снаата, само се погледнале меѓу себе. Претседателот на комисијата, кој ја знаел целата работа, а и самиот аџо Јашар, ги наведнале главите.
По неколку секунди непријатен молк, аџо Јашар ја кренал главата, ги погледнал гостите и им рекол:
„Другари, ништо од пензијата. Одете си вие по својата работа. Не сте вие криви…
МЕНЕ МИ Е ОД ДОМА РАСИПАНА РАБОТАТА.“
✍️ Јакуб Казимоски
“Лабунишки мудрости и кажувања”
Струга, 15.07.2026
Мухамед Хусрев (Ајдинлар) е роден во селото Лабуништа, во близина на Струга, ден...
Со длабока тага ја објавуваме веста за преселувањето на д-р Минур Мемишоски, поч...
При излет во пределот на Лабунишките бачила, мештанецот Ерсан Зенделоски наиде н...
Се продава куќа во Лабуништа, место Краста, со имотен лист! Површина на куќа 540...
Главна тема на состанокот беа два сериозни проблеми кои, според присутните, нега...
Координативното тело составено од членовите Сафет Демиралиески советник на градо...
Голем успех за Лабуништа и за младите таленти од нашиот крај. Ејлем Бекироска, у...
По многу години посветена работа, нашиот драг сограѓанин Сафет Демиралеиски зами...
Со особена чест и гордост, жителите на Лабуништа му упатуваат најискрени честитк...
Првите жители на селото Лабуништа кои имале можност да го обават светиот муслима...