Лабунишки Мудрости Вторник 15.09.2026
Напомена: Мудростите во овој циклус понекогаш нè учат како треба, а понекогаш преку конкретни животни случки и човечки слабости ни покажуваат како не треба да постапуваме. И едните и другите се поучни за оној што сака да извлече поука. Бидејќи некои кажувања можат погрешно да се разберат како негативна оценка за одредени личности, во таквите случаи имињата се заменети. Целта не е да се оценуваат луѓето, туку да се сочува мудроста што останала зад нивните зборови и животни случки.
Ова кажување е поврзано со една понова генерација лабуништани и со времето кога, со воведувањето на повеќепартискиот систем, изборите и предизборните кампањи станаа дел од секојдневието и во нашето село.
Заедничкиот партиски интерес знаеше да зближи луѓе со сосема различни карактери, животни навики и погледи на светот. Луѓе кои до вчера оделе по различни патишта, за време на изборите заедно патуваа, разговараа и тесно соработуваа.
Така, во иста кампања можеше да се најдат и човек познат по кафеанскиот живот и човек кој редовно ги клањаше своите пет дневни намази.
Обично мудри зборови очекуваме од учени и искусни луѓе. Но животот покажува дека мудроста понекогаш доаѓа и од оној од кого најмалку ја очекуваме. Човек можеби самиот не одел секогаш по најправиот пат, но во животот сретнал искусни луѓе, слушнал вреден збор и знаел да го запамети и пренесе понатаму. Затоа понекогаш е важно да не гледаме само кој зборува, туку и што зборува. Во една таква предизборна кампања Ахмед и Мехмед станале блиски соработници. Ахмед бил човек со поинаков животен пат, додека Мехмед бил познат како учен и побожен човек.
Еден ден, додека заедно оделе на предизборни средби, Ахмед му рекол: — Пријателе, гледам колку си загреан за овие избори и колку сакаш да успееш. Те познавам како учен и побожен човек и верувам дека искрено сакаш преку ова да му помогнеш на нашето Лабуништа и на нашиот народ. Но сакам да ти пренесам една изрека што некогаш ја слушнав од еден искусен и мудар пријател. Добро е да ја имаш предвид пред премногу да ѝ се предадеш на политиката.
Потоа додал: — Кафаната јаде пари, ама политиката јаде луѓе. Неговиот пријател за миг се замислил над оваа необична мудрост, па го прашал: — А што подразбираш под тоа? Како може политиката да „јаде“ луѓе? Ахмед направил кратка пауза, како да ги собира мислите, а потоа рекол: — Зарем не гледаме луѓе кои, пред да влезат во политиката, биле угледни, ценети и почитувани во својата професија и во својата средина? Ги почитувале луѓе со различни убедувања, ги поздравувале речиси сите и никој не ги гледал низ партиска припадност.
— Но штом подлабоко ќе навлезат во политиката, нешто почнува да се менува. Околу нив сè почесто остануваат оние од нивната партија, додека дел од другите постепено се оддалечуваат. Некои што до вчера искрено ги поздравувале, денес знаат и глава да свртат. Нивниот збор, нивната постапка, па понекогаш и нивната добра намера, веќе не се гледаат само според тоа што се, туку низ политичка и партиска диоптрија.
— Со текот на времето кругот што некогаш бил широк почнува да се стеснува. Човекот можеби добива политички истомисленици, но губи дел од луѓето што го почитувале независно од политиката. Неговиот некогаш неспорен углед полека добива партиски предзнак.
Ахмед повторно замолчел, па додал: — Ете, пријателе, на тоа мислам кога велам дека кафаната јаде пари, а политиката јаде луѓе. Кафаната може да ти го испразни џебот, а политиката, ако не знаеш да ја зачуваш мерката, може да ти го намали авторитетот и полека да ти го испразни кругот околу тебе.
Поуката Суштината на оваа мудрост не е дека политиката сама по себе е нешто лошо. Напротив, на општеството му се потребни чесни, способни и добронамерни луѓе кои ќе се занимаваат со јавните работи.
Но политиката станува опасна кога партиската припадност ќе стане поважна од вистината, принципите, пријателството и човечкиот однос. Партиите се менуваат, изборите поминуваат, функциите завршуваат. Затоа, добро е човек да се занимава со политика за доброто на луѓето, но никогаш да не ги губи луѓето заради политиката и функцијата.
✍️ Јакуб Казимоски Од циклусот „Мудрости на старите лабуништани“
Мухамед Хусрев (Ајдинлар) е роден во селото Лабуништа, во близина на Струга, ден...
При излет во пределот на Лабунишките бачила, мештанецот Ерсан Зенделоски наиде н...
Со длабока тага ја објавуваме веста за преселувањето на д-р Минур Мемишоски, поч...
Се продава куќа во Лабуништа, место Краста, со имотен лист! Површина на куќа 540...
Главна тема на состанокот беа два сериозни проблеми кои, според присутните, нега...
Координативното тело составено од членовите Сафет Демиралиески советник на градо...
Голем успех за Лабуништа и за младите таленти од нашиот крај. Ејлем Бекироска, у...
По многу години посветена работа, нашиот драг сограѓанин Сафет Демиралеиски зами...
Со особена чест и гордост, жителите на Лабуништа му упатуваат најискрени честитк...
Првите жители на селото Лабуништа кои имале можност да го обават светиот муслима...