Лабуништа Новости Понеделник 13.10.2025
1. Што ве мотивира да го одберете токму плоштадот во Лабуништа како тема за вашата дипломска работа?
Како тема мораше да се избере нешто реално и значајно, па си реков – зошто да не биде токму плоштадот во моето родно село, Лабуништа. Ме мотивираа самите проблеми со кои секојдневно се соочувам јас и моите сограѓани – од хаотичниот сообраќај, до недефинираниот јавен простор кој нема своја јасна функција и идентитет.
2. Кои проблеми или предизвици ги идентификувавте кај постојниот простор пред да започнете со идејното решение?
Просторот во моментот е доста хаотичен и нефункционален. Центарот нема дефинирана структура, улиците се тесни и често блокирани, а паркинзите се распоредени без никаков ред. Дополнително, во околината има и неколку објекти за кои и ден-денес се прашувам зошто воопшто се изградени и кој ги има изградено – како дел од објектите до џамијата, јавната пошта и просториите на јавното комунално претпријатие. Сето тоа придонесува централниот дел на селото да изгледа неуредено и без вистински карактер.
3. Кои архитектонски и урбанистички принципи најмногу ве водеа при изработката на проектот?
Главните принципи при изработката на проектот беа како да се создаде функционален, визуелно прифатлив и економски оправдан центар за едно село од големината на Лабуништа, кое брои околу 10.000 жители. Идејата беше Лабуништа да добие современ изглед, но без да се изгуби традиционалниот дух и начинот на живот на жителите.
Проектот е дефиниран врз основа на постојната состојба, со цел да се надмине хаосот и нефункционалноста на патиштата и јавните простори. Посебен предизвик беа паркинзите, поради што во решението се предвидени 192 паркинг места во рамките на подземна катна гаража, со што се ослободува јавниот простор и се создава поуредена структура.
Со помош на кружниот тек, јасно се поделени најфреквентните сообраќајни насоки – спојувањето на патот Лабуништа – Подгорци, кој е двонасочен и доста оптоварен, и насоките Центар – населба Мустафци – и обратно, кои се решени како еднонасочни. На тој начин се овозможува подобар проток на сообраќај, повеќе безбедност и јасна ориентација за сите учесници.
Воедно, додадени се нови тротоари и пешачки патеки, со што јасно се дефинира границата помеѓу пешачкиот и автомобилскиот сообраќај, така што никој на никого не му пречи – сè има своја линија, движењето е логично и природно. Со ова решение, центарот конечно добива јасна структура, каде пешаците и автомобилите мирно коегзистираат, а целиот простор функционира складно и организирано.
4. Како го балансиравте односот помеѓу модерното обликување и традиционалниот дух на Лабуништа?
Модерното обликување го постигнавме преку чисти линии и функционални решенија, но без да се наруши традиционалната архитектура. Самиот терен, кој е со благ пад, овозможи подземна катна гаража која се вклопува визуелно и практично. Во проектот, централна улога има Џамијата на Мехмед Али Паша, како постојна културна и духовна вредност. Новите објекти – административната зграда и ресторанот со неколку дуќани – се во современ стил, но со архитектонски елементи и линии што потсетуваат на традицијата, а фасадите се во бела боја за да ја истакнат џамијата од камен како доминантен белег во просторот.
5. Дали правевте истражување за историјата и културното значење на просторот пред да го дефинирате концептот?
Да, направивме детални архитектонски и историски анализи. Целиот концепт беше насочен кон тоа да се задржи постојниот идентитет и симболиката на просторот околу џамијата, а во исто време да се овозможи негово современо функционирање. Целта не беше да се избрише старото, туку да се надгради.
6. На кој начин вашето идејно решение се стреми да го подобри секојдневниот живот на жителите?
Проектот создава нов јавен простор кој е и модерен и функционален. Луѓето добиваат место за прошетка, зеленило, јавни површини за социјални активности, нови деловни простории, како и поорганизиран сообраќај. Со тоа, секојдневието станува покомотно, а центарот повторно станува точка на собирање – нешто што одамна му недостасуваше на селото.
7. Кои беа најголемите тешкотии со кои се соочивте за време на изработката на дипломската работа?
Најголемите предизвици беа поврзани со решавањето на сообраќајот и организацијата на просторните врски. За да се постигне јасна и мирна структура, беше потребно да се елиминираат неколку јавни и еден приватен објект – нешто што е прифатливо за вака голем проект. Исто така, голем предизвик беше да се пронајде рамнотежа меѓу приватните куќи и јавните простори, за да се создаде природен премин и хармонија меѓу нив.
8. Дали имавте консултации со локалното население или институции при развивањето на проектот?
Да, целата дипломска работа беше развиена со поддршка и насоки од мојот ментор Проф. д-р Нурас Салиу, на кого му благодарам. Неговото искуство и моето познавање на локалните услови беа клучни. Имавме и неколку средби со надлежни лица и со градоначалникот, со цел да се види како проектот би можел реално да се изведе и финансира во иднина.
9. Како ја замислувате идната употреба на просторот ако некогаш ова идејно решение се реализира?
Го гледам како голем напредок за селото, и социјално и туристички. Новите објекти ќе овозможат економски развој преку мали бизниси, кафе-барови, продавници или други функции како детска градинка, курсеви, или мултифункционални сали. Тоа би го направило центарот вистинско живо срце на Лабуништа.
10. Што лично научивте од овој процес и како дипломската работа влијаеше на вашиот понатамошен професионален развој?
Од овој проект научив дека дури и едно мало село со нефункционална структура, хаотични паркинзи и недефинирани јавни простори може да се трансформира со неколку паметни урбанистички потези. Сфатив колку е важно секоја одлука да се носи внимателно и со разбирање на локалниот контекст. Ова искуство ме научи да размислувам пошироко, но секогаш да тргнувам од вистинските потреби на луѓето.
Мухамед Хусрев (Ајдинлар) е роден во селото Лабуништа, во близина на Струга, ден...
Со длабока тага ја објавуваме веста за преселувањето на д-р Минур Мемишоски, поч...
При излет во пределот на Лабунишките бачила, мештанецот Ерсан Зенделоски наиде н...
Се продава куќа во Лабуништа, место Краста, со имотен лист! Површина на куќа 540...
Главна тема на состанокот беа два сериозни проблеми кои, според присутните, нега...
Координативното тело составено од членовите Сафет Демиралиески советник на градо...
Голем успех за Лабуништа и за младите таленти од нашиот крај. Ејлем Бекироска, у...
По многу години посветена работа, нашиот драг сограѓанин Сафет Демиралеиски зами...
Со особена чест и гордост, жителите на Лабуништа му упатуваат најискрени честитк...
Првите жители на селото Лабуништа кои имале можност да го обават светиот муслима...
Речиси сите улици во Лабуништа денес се асфалтирани, но сепак им недостига оној ...