Лабунишки Мудрости Вторник 20.10.2026
Иако старите лабуништани најчесто немале можност да се школуваат, многу ги ценеле знаењето и образованието. Животот рано ги упатувал кон работата, а многумина и кон печалбата. Затоа посакувале нивните деца да го продолжат школувањето и да добијат можности што ним им биле ускратени.
За да им го овозможат тоа, работеле повеќе, штеделе и се откажувале од многу нешта. Во парите што ги праќале дома биле вложени долги работни денови, замор и време поминато далеку од семејството. Ги придружувала надежта дека децата ќе завршат училиште и ќе си обезбедат подобра иднина.
Сепак, од многубројните деца што завршувале основно образование, релативно малку продолжувале во средно училиште, а уште помалку завршувале факултет. Имало многу талентирани ученици, за кои се верувало дека ќе стигнат далеку, но патот од училишната клупа до дипломата барал услови, поддршка и истрајност.
Причините за прекинувањето на школувањето биле различни. Една од нив можеби била и разделеноста од татковците што работеле далеку од дома. Нивната финансиска помош била неопходна, но на децата им биле потребни и нивната близина, советот и охрабрувањето во миговите на колебање.
Таква била една од тивките маки на печалбарскиот живот: трудејќи се да им обезбедат подобра иднина на своите деца, татковците пропуштале дел од нивното растење.
Некои родители за време на распустот ги земале децата кај себе на работа. Сакале одблизу да ја почувствуваат тежината на печалбарскиот леб и да разберат колку труд стои зад секој денар што пристигнува дома. Една таква поука остана и во моето сеќавање.
Откако се запишав на факултет, татко ми ме повика еден месец да поминам кај него на печалба и да работам со нив. Тој месец добро го запаметив.
Од мене бараше да извршувам тешки физички работи, понекогаш и потешки од оние што ги работеа другите. Чувствував дека сака да ми одржи практична животна лекција — самиот да видам како изгледа неговото секојдневие и колку сила е потребна за да се издржи.
Деновите минуваа, а заморот се собираше. Она што дотогаш го знаев за неговата работа од разговорите дома, сега го чувствував и самиот. Подобро разбирав што значат парите што ги испраќаше и колку напор вложуваше за да можам јас да учам.
Пред да измине договорениот месец, кога веќе бев уморен и истоштен, дојде време да се вратам на студиите. При испраќањето, татко ми ми рече:
„Учи, сине, за твое добро. Јас ќе ти помогнам колку што можам, ама учењето е твое. Ако не учиш, знаеш дека те чека мајсторската.“
Тие зборови ги понесов со себе. Подоцна, кога ќе се соочев со некој потежок испит, се присетував на нив и на месецот поминат со него. Се сеќавав и дека, додека јас повторно седев над книгата, тој продолжуваше со истата тешка работа. Тоа ми помагаше да го совладам колебањето и да истраам.
Во неговиот совет немаше потценување на занаетот. Со мајсторската го издржуваше семејството и ми го овозможуваше школувањето. Ја знаеше нејзината вредност, но ја познаваше и нејзината тежина. Денес, кога се навраќам на тие зборови, сфаќам дека татко ми со нив ми оставил поука што го надминува самото школување: да го почитувам трудот, да истраам кога ќе стане тешко и одговорно да ја искористам можноста што ми ја овозможил.
Таа поука вреди да им ја пренесеме и на денешните деца. Да учат за да станат поспособни, посамостојни и посвесни за светот во кој живеат, а притоа да ја почитуваат секоја чесна работа и луѓето што ја извршуваат. Можеби токму во тоа е најдлабоката смисла на родителскиот совет „Учи, сине“: желбата детето да стигне подалеку, а да ја зачува благодарноста кон оние што му го овозможиле патот.
✍️ Јакуб Казимоски Од циклусот „Мудрости на старите лабуништани“
Едно прашање. Една шанса. Колку добро ги знаеш правилата?
8 учесници во квизот денес
Едно прашање. Една шанса. Колку добро ги знаеш правилата?
8 учесници во квизот денес
Мухамед Хусрев (Ајдинлар) е роден во селото Лабуништа, во близина на Струга, ден...
Со длабока тага ја објавуваме веста за преселувањето на д-р Минур Мемишоски, поч...
Се продава куќа во Лабуништа, место Краста, со имотен лист! Површина на куќа 540...
При излет во пределот на Лабунишките бачила, мештанецот Ерсан Зенделоски наиде н...
Главна тема на состанокот беа два сериозни проблеми кои, според присутните, нега...
Голем успех за Лабуништа и за младите таленти од нашиот крај. Ејлем Бекироска, у...
Координативното тело составено од членовите Сафет Демиралиески советник на градо...
По многу години посветена работа, нашиот драг сограѓанин Сафет Демиралеиски зами...
Со особена чест и гордост, жителите на Лабуништа му упатуваат најискрени честитк...
Првите жители на селото Лабуништа кои имале можност да го обават светиот муслима...