Младиот лабуништанец Едах Салоски, роден 2018 година во Струга, иако има само 7 години, веќе покажува извонреден спортски талент и резултати за почит. Веќе две години активно тренира џудо, спорт во кој со сигурни чекори го освојува Балканот.
И покрај својата младост, Едах има настапено на повеќе меѓународни натпревари, каде достојно ги претставува Лабуништа и Македонија. На турнирите одржани во Република Србија и Република Грција, младиот џудист се искачи на највисокото скалило и освои златни медали, додека на натпреварите во Република Бугарија и Република Црна Гора се закити со сребрени медали.
Овие успеси се доказ за неговата посветеност, дисциплина и љубов кон спортот, но и за квалитетната работа и поддршката што ја добива. Едах Салоски е пример дека талентот и трудот немаат возраст, а неговите резултати се гордост за целата лабунишка заедница.
Со вакво темпо и спортски дух, пред младиот џудист стои светла иднина и уште многу медали што допрва ќе го збогатуваат неговото спортско досие.